Македонија
18. November 2015 - 8:22

Меѓународна конференција за интервентна епидемиологија

Експерти од 25 земји од областа на интервентната епидемиологија од Медитеранскиот и Црноморскиот регион ќе присуствуваат на првата меѓународна конференција на MediPIET (Медитеранска програма за интервентна епидемиологија), чиј домаќин е Институтот за јавно здравје на Република Македонија, а организатор Институтот за здравје Карлос III, од Шпанија.

MediPIET е основана за да се зголеми здравствената сигурност во Средоземниот регион преку зајакнување на капацитетите за превенција и контрола на заразните болести. Главната цел на програмата е воспоставувањето мрежа на експерти во областа на епидемиологијата, кои меѓусебно ќе ги споделат искуствата и најдобрите практики за мобилизација во случај на меѓугранични епидемии и кризни состојби.

Република Македонија, преку Институтот за Јавно  здравје на РМ е избрана како  еден од четирите пилот-центри за  обука  на професионалци од областа на интервентната епидемиологија.  Целта на  MediPIET е создавање на стручен кадар на доктори од областа на интервентната епидемиологија преку двегодишна тренинг програма, но и тренинг курсеви за континуирана едукација на епидемиолози и доктори.

MediPIET е проект финансиран од Европската унија во рамки на иницијативата на CBRN центри за извонредност, што го го  води конзорциумот FIIAPP-ISCIII, со научно раководство на ECDC. Во проектот кој стартуваше во 2012 година се вклучени повеќе од 25 земји од Медитеранскиот регион и дел од земјите  од Црноморскиот регион, и ќе трае до 2017 година. MediPIET е дизајниран за да ја подобри безбедноста во здравството во регионот на Медитеранот преку поддршка за градење на капацитети за спречување и контрола на природни или вештачки закани по здравјето предизвикани од заразни болести и други ризици и создавање Програма за одржлива обука на полето на интервентната епидемиологија.