Македонија
21. October 2024 - 16:42

СДСМ предлага минималец од 450 евра, ВМРО-ДПМНЕ најде грешки во пресметката, реагираше и ССМ

Пратениците на СДСМ предлагаат минимална плата од 450 евра. Лидерот Филипче бара законски измени поради, како што рече, „моменталната голема економска несигурност и погрешните економски политики на актуелната власт“.

„Со измените, предвидуваме минималната плата да се покачи на 27.700 денари, што претставува пораст од 12,3%. А понатаму целата методологија и пресметката ќе останат исти, што значи платата од март следната година би тргнувала од оваа сума која ние денеска ја предлагаме, а би била ноемвриска плата да се исплати во месец декември“, кажа Венко Филипче, лидер на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, пронајдоа грешка во математиката на СДСМ и рекоа дека нема да гласаат за овие законски измени.

„Бројката на покачување на минималната плата како што кажа лидерот на СДСМ е 12,3%, таков е нивниот предлог. Сегашната минимална плата изнесува 22.567 денари и ако додадете 12% платата би била 25.342 денари, а никако 27.700 денари, коешто ако одиме по математикатика на тоа што треба да значи егзактна наука којашто е постулат на економијата, би било покачување од 22,7%. Цели 10% СДСМ и нејзиниот лидер имаат промашено во законот што укажува дека водат пазарџиска политика“ кажа Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Минимална плата од 450 евра побараа синдикатите уште пред неколку месеци на првомајските протести. Сега првиот човек на Сојузот на синдикати Трендафилов порача:
„За да бидете поразлични од ССМ, зошто не 600 евра туку 450 евра? Бидејќи кога Синдикатот побара додека бевте на власт, велевте дека е невозможно! Борбата продолжува!“ кажа Слободан Трендафилов, Претседател на ССМ.

Според последните податоци, близу 35 илјади работници во државата работат за минималец или до минимална плата.