Македонија
17. November 2023 - 14:18

Маричиќ: Нема да се откажеме од намерата и планот да направиме уставни измени во овој состав на Собранието

Нема да се откажеме од намерата и планот да направиме уставни измени што поскоро во мандатот на овој состав на Собранието. Работиме и ќе работиме на тоа до последниот ден од овој мандат, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, посочувајќи дека земјата се наоѓа на крајот од првата фаза од преговорите и од нас зависи дали ќе продолжиме понатаму или не.

Оваа обврска е од преговарачката рамка, нагласи Маричиќ, и рече дека за жал, не би можеле да отстапиме.

- Овој парламентарен состав треба да се одважи и да ја заврши таа обврска, бидејќи ќе овозможи наредниот да биде посветен повеќе на реформите и на резултатите, изјави Маричиќ, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијапо завршување на Регионалниот министерски состанок во Владата.  

Според Маричиќ, не би било добро оваа обврска да премине и во наредниот мандат како прва задача, но и дека е голема илузија е ако сметаме дека ќе исчезне ако само се игнорира.

-  Ова пред се, се однесува на опозицијата и оние пратеници кои што сметаат дека со игнорирање на оваа обврска, која што денеска можеби им се чини премногу голема, но со текот на време ќе сфатиме дека била многу едноставна и во рамки на она што веќе го имаме направено во нашиот систем за други шест-седум заедници. И дека цената за сами да се блокираме ќе ја платиме навистина скапо, изјави Маричиќ.

Се надевам, рече Маричиќ, дека нема да дозволиме да чекаме десетина години за да направиме нешто, што можеме сега да го направиме за да ги продолжиме преговорите.  

- Сигурен сум дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, порано или подоцна ќе сфатат дека ова е обврска, товар од кој не можеме да избегаме. Сме се обиделе во минатото и со проблемот со Грција, но чекањето повеќе години и децении, донесе само полоша позиција за нас, изјави Маричиќ.

Прашан дали сме поблиску до уставни измени или до избори, Маричиќ рече дека изборите се на средината на следната година и терминот ќе биде утврден во следниот период, како што нагласи, соодветно со законските рокови.