Македонија
8. January 2016 - 13:03

Македонското грнчарство ја освојува Америка

Македонските грнчарски производи полека си го пробиваат патот на американскиот пазар, тврдат занаетчиите. Такво е искуството на 41-годишниот Васил Нанов од струмичко Дабиле, кој секоја недела праќа изработки од глина во Соединетите Американски Држави. Вели, дека интересот е голем за грнчарските производи.

- Минатата година имав посета од наша иселеничка која ги виде моите производи. Годинава дојде повторно и почнавме со соработка. Скоро секоја недела праќам пратки за тој пазар. Интересот е голем и за тави и за грниња и за бардиња. Всушност, Американците се „луди“ за нашите грнчарски производи, вели Нанов.

Фамилијарниот занает, од дедо и татко го научил и Васил. Почнал пред петнаесетина години, но последниве три години го интензивирал бизнисот. Објаснува дека грнчарството бара многу труд, многу вложување, но на крајот е исплатлив.

- Грнчарството во суштина е тешко. Денес младите сакаат да стигнат до брза заработувачка. Оваа дејност не го нуди тоа. Како млад човек немав многу избор. И го продолжив занаетот на моето семејство. Купив алати, вложив и профитот дојде подоцна. Овој занает, за жал, полека изумира во Македонија. Останавме уште дваесетина мајстори. Нема многу интерес кај младите да научат да работат со глина. Иако профитабилно, грнчарството полека изумира, раскажува Нанов.


Најмногу се бараат тавите, па грнињата, но и бардаците и бокалите. Освен во САД, глинените производи од Македонија се продаваат и на европскиот, но и на домашниот пазар. Цената не е клучна за пласман на производите, многу поодлучувачки фактор е квалитетот на производот.

- Модерното време бара активност и на интернет и на социјалните мрежи. Оттаму се шири информацијата за она што го работам. Реално денес има голема побарувачка. Јас со мојот капацитет не сум во можност да одговорам во целост. Во моментов грнчарството е атрактивен бизнис, вели Нанов.

Во малата работилница, покрај семејната куќа, глината од кичевско ја добива својата форма во калапите направени од македонските мајстори. Со филигрантско внимание, Васил ги пече, а потоа и дообработува неговите дела. Вкусот на јадењата подготвен во тава или грне, студената вода од стариот бардак ќе го пробаат и странците, а украсите-опинци ќе раскажат за македонската традиција која ја чуваат уште малку мајстрори на грнчарскиот занает.


Васил Нанов, кој добил грант за самовработување преку Агенцијата за вработување, планира да го прошири својот бизнис. Во подготовка е на проект за мини фабрика во која ќе набави современи машини и модерна технологија за поголем капацитет и квалитет на глинените производи.