Македонија
12. August 2015 - 11:16

Македонските театри до крајот на годинава на значајни гостувања во странство

Во втората половина од годинава, со поддршка од Министерството за култура, ќе се реализираат неколку значајни гостувања на македонските театри во странство.

Од Министерството соопштија дека идниот месец Македонскиот народен театар ќе гостува во Националниот театар во Баку, Азербејџан, со театарската претстава „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ од Едвард Олби, а во режија на Синиша Евтимов. Ова гостување ќе се реализира по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Азербејџан, а ќе придонесе за промовирање и афирмирање на најновата македонска театарска продукција во Азербејџан, за зацврстување на културната соработка меѓу двете земји и за соработка на копродукциски проекти меѓу двете национални театарски институции во иднина.

Со поддршка од Министерството за култура, кон крајот на идниот месец Народниот театар од Битола, со претставата „Среќен крај“, ќе учествува на фестивалот АККО кој ќе се одржи во израелскиот град Акре. Фестивалот за алтернативен театар АККО е основан во 1980 година и вклучува натпревар за оригиналната игра која премиерно се изведува за време на фестивалот, на кој учествуваат локални и странски театарски продукции, улични театри итн.

Идејата за соработка и гостување на Битолскиот театар во Израел почна да се реализира уште во 2014 година, за време на одржувањето на Фестивалот на монодрама во Битола кога авторот на текстот „Среќен крај“, Иддо Нетанјаху, ја проследи претставата „Без паника“ во изведба на Народниот тетар од Битола и изрази желба за соработка. Неколкумесечната комуникација меѓу театарот и авторот резултираше со соработка, и тоа на претставата „Среќен крај“, текст кој обработува една семејна драма во 30-тите години во Берлин. Изведбата на претставата „Среќен крај“ во Израел, несомнено, ќе биде чекор кон запознавање, но и идна соработка меѓу нашите две земји.

Со поддршка од Министерството за култура, идниот месец НУ „Театар Комедија“ ќе ја изведе претставата „Многу врева за ништо“ во режија на Дејан Пројковски на „Фиат-фестивалот“ во Подгорица, Црна Гора. Претставата „Многу врева за ништо“ од Вилијам Шекспир, а во режија на Дејан Пројковски претставува ново сценско читање на светската класика и алтернативен поглед во создавањето на сценскиот јазик.