Бизнис
1. February 2017 - 10:33

Македонија со најорганизиран штанд на саемот за туризам во Истанбул

Македонија е добитник на наградата за најорганизиран штанд на саемот за туризам ЕМИТТ во Истанбул, Турција, еден од петте најголемите и најпосетени интернационални саеми за туризам во светот.

- Во конкуренција од повеќе од 80 држави и над 5.000 институции лоцирани во 12 хали, штандот на Македонија е прогласен за најорганизиран за 2017 година на 21-от саем за туризам во Истанбул. Саемот во Истанбул беше посетен од 46.670 посетители во периодот од 26 до 29 јануари годинава, а присутни беа 450 тур-оператори од 55 земји, соопшти Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.

Оттаму нагласуваат дека во Истанбул ја презентирале природата, културата и отоманските споменици во Македонија, вклучувајќи ги и македонската традиција и туристичките посети на градовите.

- Штандот на Македонија беше посетен од турскиот министер за култура и туризам Наби Авци, како и од  генералниот секретар на Светската туристичка организација Талеб Рифаи кои искажаа задоволство од учеството на Македонија на саемот и ги потенцираа најзините природни убавини споделувајќи ги личните импресии, посочуваат од Агенцијата.

На штандот на Република Македонија во Турција, ко-егзибитори беа македонските тур-оператори Бадемтур, Генерал Турист, Фибула, Балкантиме и Вардар Експрес, а штандот го посетија и македонскиот амбасадор во Турција Живко Муцунски, конзулот Синиша Иванковиќ, и економскиот промотор Филиз Вели.

Лани Македонија ја зема првата награда за пријателство на саемот за туризам ЕМИТТ во Истанбул, Турција.