Македонија
21. July 2017 - 9:19

Маасикас: Дигиталното општество се потпира на отвореноста на граѓаните за дигитални услуги

Естонија важи за земја светски првак во дигитализацијата на општеството. Покрај воведувањето на дигиталната лична карта, многу важен елемент во постигнување на овој успех беше подготвеноста на граѓаните, нивната отвореност да користат дигитални услуги, вели Матти Маасикас, заменик министер за надворешни работи на Естонија задолжен за европски прашања во интервју за МИА. 

- Дигиталниот идентитет на секој естонски граѓанин е нешто што е вградено во дигиталната лична карта. Дигиталните јавни услуги кои ги пружаат естонската Влада и локалните власти помагаат во тоа. Се почна во 2001 година, кога воведовме обврска за поседување лична карта за сите граѓани. Многу важен елемент тука беше подготвеноста на граѓаните, нивната отвореност да користат дигитални услуги. Овие услуги се пружаат во интерес на граѓаните и многу е важно што има побарувачка, што луѓето ги бараат. Граѓаните сами бараат дигитални услуги. Секој што некогаш ја пополнил својата даночна пријава електронски, што трае две минути за обичен граѓанин, кој има само една работа и што може да се направи од кое било место каде што има интернет конекција, тој граѓанин веќе нема да сака да се врати на пополнувањето на пријавите преку хартија, вели Маасикас.

Според него, значајно е што земјата има технологија која им овозможува на луѓето да се чувствуваат сигурни дека дигиталните интеракции меѓу нив и властите се безбедни.

- Естонија е единствената земја во светот каде што има овозможено гласање преку интернет и граѓаните не мора да одат на гласачкото место на денот на изборите. Може да се гласа преку компјутер, со дигиталната лична карта. Околу една третина од граѓаните ја користат оваа опција. Не би ја користеле да имаше сомнеж во безбедноста на системот. Секако, тука е важно да се внимава и на прашањето на заштита на податоците. Луѓето мора да се сигурни дека нивните податоци се безбедни. Во Естонија граѓаните се многу ентузијастички во врска со овие можности, истакнува естонскиот дипломат.

Задолженоста на Естонија е меѓу најниските во Европа со само 11 проценти од БДП, а основата за тоа Маасикас ја гледа во особеноста на Естонците да ги избегнуваат задолжувањата. 

- Нашата решеност да имаме ниска стапка на долг доаѓа од нашиот народ. Ние не сакаме да позајмуваме пари, а и кога го правиме тоа, гледаме да ги вратиме што поскоро. И јас сум таков, еднаш го вратив кредитот за стан порано од предвиденото. Тоа е нешто во што Естонците веруваат, дека не треба да позајмуваме пари и потоа да им оставаме долгови на нашите деца и внуци да ги враќаат. Имаме силен политички консензус по ова прашање. Понекогаш граѓаните отвораат прашања дали можеме да се позајмиме за некој голем инфраструктурен проект. Но, нашите јавни финансии се многу малку оптоварени со потребата да се враќаат долгови, вели Маасикас.

Тој потврдува дека преку дигитализацијата на општеството, односно отстранувањето на хартијата од администрацијата земјата заштедува околу два процента од Бруто домашниот производ, речиси колку што лани добиле од Европската Унија како земја - членка.