Фудбал
28. December 2020 - 12:07

Ливерпул се „сопна“ на ВБА

Вест Бромвич Албион и Сем Алардајс останаа непоразени на „Енфилд“ иако имаа само 18 отсто посед на топката во првото полувреме, одигрувајќи 1:1 со лидерот Ливерпул за да не дозволат шампионите да направат поголема предност на врвот на табелата.
 
Садио Мане уште во 12-тата минута ги донесе „црвените“ во водство, најавувајќи лесна победа против претпоследниот тим на табелата, а ВБА решија да играат со неверојатно дефанзивна постава (5-5-0 формација според многумина) и имаа само 18 отсто посед од топката не дозволувајќи зголемување на водството.
 
Во второто полувреме, Вест Бром имаа малку поактивна игра, и во 82. минута го искористија тоа, кога Нигериецот Семи Аџаји беше највисок во скокот и успеа да го измами Алисон за тешко освоен поен.
 
Ливерпул остануваат први со 32 поени, три пред Евертон и четири пред Лестер, додека ВБА се претпоследни со 8 поени, пет од безбедната зона.