Свет
23. August 2016 - 11:00

Лариџани: Нема прекин во летовите на руските авиони од авиобазата во Иран

Нема прекин во летовите на руските борбени авиони од иранската военовоздухопловна база во Хамадан, изјави денеска претседателот на иранскиот Парламент, Али Лариџани, цитиран од ТАСС.

-Летовите не се прекинати. Иран и Русија се сојузници во борбата со тероризмот, рече Лариџани, прецизирајќи дека базата „Шахид Ноже“ „никому не му е доделена за постојано, туку се користи за дополнително полнење со гориво“.

Лариџани изјавата ја даде како одговор на пратеничко прашање, што беше поврзано со потпис на 20 други пратеници, кои инсистираат на разјаснување на ситуацијата со употребата на базата во Хамадан. 

Руската војска минатата недела за првпат употреби ирански аеродром за изведување напади врз борците на ИД во Сирија. Пред тоа, руските бомбардери со голем досега полетуваа од руските аеродроми, а помалите од авиобазата Хмејмим во Сирија.