Балкан
25. October 2019 - 10:02

Курти: Во новата косовска влада ќе има министер Србин, но тој не мора да е од Српската листа

Откако неговата партија победи на вонредните парламентарни избори на Косово , лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ), Албин Курти, кој се очекува да го добие мандатот за формирање влада, изјави дека новата влада на Косово ќе ја испочитува уставната обврска во неа да има министер од редовите на српската етничка заедница во земјата.

Сепак, како што порача Курти во интервју за косовската јавна телевизија РТК, Уставот не го обврзува во владата да вклучи претставник од Српската листа (СЛ), иако таа партија и на овие избори извојува уверлива победа во средините со мнозинско српско население.

– Нема уставна обврска да ја имаме во коалиција СЛ, но свесни сме дека треба да имаме барем еден министер од српската заедница и уставната обврска ќе ја исполниме. Меѓутоа, владината коалиција нема да биде зависна oд уцените на кое било крило или од која било боја, а да не говориме за некој етницитет – изјави Курти.

Идната косовска влада се очекува да ја формираат двете досега опозициски партии кои победија на изборите што се одржаа на 6 октомври – ВВ, која освои околу 25,5 отсто од гласовите и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), со околу 24,7 отсто.

Според најавите од двете партии, новата влада ќе има 12 министри, од кои еден Србин и еден припадник на другите немнозински етнички заедници, а секој ресор ќе има по двајца заменици министри. Владата во оставка на Рамуш Харадинај има 21 министер и околу 100 заменици министри.