Македонија
2. August 2016 - 9:53

КУД „Далги“-Охрид и ансамбл „Китка“-Истибања најдобри на Фестивалот „Илинденски денови“

Со доделување на наградите на најдобрите и со празничен концерт „Ноќ спроти Илинден“, синоќа во Битола заврши 46. издание на Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“.

Со одлука на стручното жири, за најуспешна група која на фестивалот во Битола презентираше традиционална музика и игра е прогласен фолклорниот ансамбл „Китка“ од Истибања, за најуспешна група која презентираше староградска музика и игра прогласени се членовите на КУД „Далги“ од Охрид, за најуспешна вокална извеедба награда доби КУД „Вера Јоциќ“ од Македонска Каменица, додека со одлука на стручното жири за најуспешен автор што подготвил сценска адаптација прогласен е Валентин Соклевски од Битола за сценската адаптација „Охридски староградски игри“ во изведба на КУД „Илинден“-Битола.

На свеченото затворање, директорот на Битолскиот Центар за култура, Борче Димитровски, истакна дека четиридневниот културен настан секоја година е средба на традициите и вљубениците во фолклорот од Македонија и светот.

- Фестивалот беше магично патување, средба на традициите која кулминира во Хераклеа. Фестивалот ни ги исполни срцата бидејќи и на последниот настан има бројна публика. Ќе се трудиме и догодина фестивалот да биде на уште повисоко ниво, да има уште повеќе фолклористи отколку годинешните 1.200 од сите страни на светот и да уживате во фестивалската програма, истакна пред аудиториумот во Хераклеа, Димитровски и на гостите од Мексико, Северен Кипар, Шпанија и Бугарија им додели посебни фестивалски признанија.

Во чест на наградените групата „Фонтана“ и пеачи од македонската фолк сцена приредија концерт на македонски народни песни на тема „Ноќ спроти Илинден“.