Македонија
27. December 2021 - 19:32

Ковачевски: Не ги делам кадрите на стари или нови, партијата е отворена за сите кои можат да дадат придонес

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски вечерва пред одржувањето на Централниот одбор на партијата најави политика базирана на социјал-демократски вредности, шанса за сите кадри кои ги исполнуваат условите да бидат назначени на некоја функција, отворање на партијата кон сите кои можат да дадат свој придонес. За него нема поделба на нови и стари кадри, туку само на оние кои повеќе или помалку придонеле за јакнење на партијата.

-Програмата ќе се базира на социјал-демократски вредности, фер шанса за сите кадри кои ги исполнуваат професионалните услови за да бидат назначени на институционално ниво. Меѓутоа и отворање на партијата кон сите оние може да допринесат со својата активност во зајакнување на партијата и нејзиното работење, рече Ковачевски.

Одговарајќи на новинарско прашање дали се прави некакво обединување во партијата со внесување дел од старите кадри во Извршниот одбор, тој не потврди ниту демантираше дека одредени имиња што се споменуваа во јавноста можат да станат дел од раководството што се бира вечерва.

-Прво јас не ги делам кадрите на стари или нови, туку на оние што допринеле повеќе или помалку во развојот и градењето на партијата. Во медиумите се појавија голем дел имиња кои значат нешто во СДСМ и кои во минатото обавувале високи партиски функции и државни функции. Да оставиме прво ЦО да донесе одлуки, рече Ковачевски.

Тој додаде дека ќе предложи Извершен одбор во кој ќе бидат застапени 50 проценти мажи и 50 жени, за, како што рече, да се запази родовата еднаквост за која се залага СДСМ како партија, но и 33 отсто млади што, исто така, е статутарна одредба на партијата. Појасни дека во ИО ќе бидат застапени и претставници од сите плански региони од земјава.

Одговарајќи на прашање дали ќе успее да ја обедини партијата тој истакна дека смета оти таа е и сега обединета.

-Ние имаме 120 членови на ЦО, денеска ќе кооптираме уште 10 ново членови и заедно со општинските и месните организации СДСМ претставува најсилна и најголема партија во државата, рече претседателот на СДСМ.

Потпретседателката на партијата Сања Лукаревска пред седницата на ЦО на партијата рече дека денеска ќе се избираат потпретседатели и членови на Извршниот одбор.

-Ќе има профили на луѓе од различни сфери на општеството, кои и се добро познати на јавноста. Обединувачкиот момент е тој што  можеби ќе биде главен предзнак на целиот овој состанок на Централниот одбор. Сметам дека со еден ваков тим освежен, напреден и силно оперативен ќе постигнуваме резултати, рече Лукаревска.

Таа најави дека вечерва нема да се расправа за тоа кој се ќе биде предложен за министерски места и оти за тоа ќе се расправа на следната седница на Централниот одбор на партијата.