Македонија
13. November 2022 - 16:32

Ковачевски: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дадоа најголема поддршка за бугарските клубови

Премиерот Ковачевски со директен атак на ВМРО ДПМНЕ во врска со клубот Ванчо Михајлов. Тврди дека партијата и нејзиниот лидер Мицкоски се најголемите поддржувачи и стојат зад активностите поврзани со овој бугарски културен клуб во Битола.

“Најголема поддршка на бугарските клубови во Македонија стигна од претседателот на ВМРО ДПМНЕ кој кажа дека е континуиутет на Ванчо Михајлов. Протестот во Битола беше против клубот Ванчо Михајлов. Не треба поддршка од Бугарија, најголемата подрршка дојде од претседателот на најголемата опозициска партија. Исто како што, претпоставувам, отворањето дошло од таа партија и сето она што се случуваше при палењето на вратата итн – дека исто дошло од таа партија со оглед на тоа гледаме кој настапувал на нивните настани”

Со новиот Закон за здруженија, клубот “Ванчо Михајлов” во Битола и “Цар Борис Трети” во Охрид добија 90 дена да го променат името или се соочуваат со затворање. Ретроактивното важење на Законот, како што посочи претходно министерот Османи, може да биде спорно, па првиот дипломат смета дека Венецијанската комисија треба да го анализира текстот.

Од ВМРО ДПМНЕ сметаат дека ова е непотребен потег.

“Она што се случува сега во Собранието каде законот за здруженија и фондации изгласан со 83 пратеници, донесен со мнозинство пратеници во кои што учествуваа и гласаа пратеници од парламентарното мнозинство од власта за да сега, Бујар Османи се дрзне и да кажува дека ќе го даде на Венецијанска комисија. Сакам да испратам порака дека ние не се плашиме од мислењето, но сакам да го потсетам дека кога Собранието носи со мнозинство гласови тоа треба да го спроведува владата без приговор”

Премиерот повтори дека за него нема ништо спорно во иницијативата на Османи, но конечна одлука ќе се носи во наредниот период.  

“Задолжени за односи со Венецијанската комисија е Министерството за правда. На владина седница ќе ги разгледаме сите аспекти на Законот кој беше донесен едногласно од сите пратеници. Откако ќе се види дискусијата во однос на тоа кои делови треба да се разгледаат, тогаш може да донесеме одлука. Во моментов тој закон е на сила и тоа му го реков и на бугарскиот премиер”

Премиерот најавува и носење на нов Закон за здруженија кој би се базирал на германското законодавство, но децидно вели дека тој претходно нема да биде испратен на анализа во Венецијанската комисија.