Македонија
31. January 2022 - 13:48

Ковачевски: Доколку нашето и бугарско МНР дојдат до решение прифатливо за двете страни тогаш ќе се разговара

Сите комуникации кои нашето МНР ги има со МНР на Бугарија се во фаза на работни документи, меѓутоа доколку се дојде до одредено решение, коешто ќе биде прифатливо за двете страни, тогаш нормално тоа ќе биде комуницирано, согласно со процедурите, законите и Уставот на државата кај нас, изјави премиерот Димитар Ковачевски, посочувајќи дека министерот за надворешни работи Бујар Османи имаше излагање за разговорите со Бугарија пред Комисија за надворешна политика во Собранието.

Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на училишта во Прилеп, Ковачевски истакна дека е внесена нова динамика во разговорите со Бугарија и договорен нов пристап во разговорите, свртен на реални теми, а за таа цел беше и заедничката владина седница во Софија и формирани работните групи за економија, инфраструктура, образование и култура и за евроинтеграции.

Меѓу министерствата, исто така, ќе има  комуниција според потребите, посочи Ковачевски, особено меѓу министерствата за одбрана, бидејќи и Северна Македонија и Бугарија се членки на НАТО.

И од Комисијата за образовни и историски прашања очекува резултати и динамичнма работа. Посочи дека таа работи по своја методологија и вклучува професори по историја.

-Таму ветија дека ќе има нова динамика во наредниот период, со цел да дојдат до решенија кои тие ќе можат да ги презентираат пред јавноста, додаде Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања при посета на училишта во Прилеп.