Македонија
3. September 2017 - 15:04

Костовски: Додека просечната плата се намалува, власта троши расипнички

ВМРО- ДПМНЕ ја обвинува новата Влада дека троши расипнички во ситуација кога, како што изјави Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ, просечната плата е намалена, а државниот долг вртоглаво расте. Се спроведува, посочи Костовски, селективна правда, а за ваквото работење граѓаните ќе ја казнат власта на изборите 15 октомври, со што ќе се отвори можност за одржување на предвремени парламентарни избори и враќање на ВМРО- ДПМНЕ на власт.

- Додека во Македонија просечната плата за само три месеци се намали за 0,7 проценти под раководство на државата од СДС, кумот на генералниот секретар на Владата Рашковски зема 25 илјади денари надомест за само еден ден работа. Пари кои му се исплаќаат од државната каса од џебот на граѓаните, изјави Костовски.

Според него, со фактура со сериски број 053-11 од 2017 година на кумот на Рашковски од државната каса се исплатени 25.000 денари. 

- Исплата за присуство на адвокатската фирма на кумот на Драги Рашковски, Костиќ на само една конститутивната седница на управниот одбор на Јасен ги чинела граѓаните над 10.500 денари. Ова е еклатантен пример на кражба на народните пари бидејќи воопшто не постои причина за присуство на адвокатска канцеларија таму, рече Костовски.