Косовското МНР потврди дека на директорот на српската Канцеларија за Косово му е забранет влезот во Косово за Велигден
Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово потврди дека на шефот на Канцеларијата за Косово при Владата на Србија, Петар Петковиќ му e одбиено барањето да го посети Косово по повод православниот Велигден.
Косовското МНР во изјава за Радио Слободна Европа не ги наведува причините за одбивањето на барањето, но ја потврди денешната информација од официјален Белград дека Петковиќ побарал да го посети Косово викендов по повод верскиот празник.
Според соопштението од српската канцеларија, за време на посетата Петковиќ требал да учествува на полноќната литургија за Велигден во Дечанскиот манастир, потоа на богослужбата во манастирот Грачаница на Велигденско утро и на средба со младите во манастирот Драганац.
„Иако посетата беше исклучиво од верски карактер и вклучуваше исклучиво посети на манастири и светилишта на СПЦ, во духот на најголемиот празник за Србите, без никакви политички намери, властите во Приштина без никакво објаснување ја забранија неговата посета, соопшти Канцеларијата за Косово при Владата во Белград.
Од канцеларијата велат дека повеќе од една година Владата на косовскиот премиер Албин Курти го спречува Петковиќ да ги посети Србите во Косово.
„Овие забрани не само што се без никаква основа, туку претставуваат директно кршење на договорот за слобода на движење и официјални посети, особено кога станува збор за главниот преговарач на српската страна во дијалогот“, се вели во соопштението.
И во минатото, Косово во неколку наврати ги отфрли барањата на Петковиќ за посети, со образложение дека одбивањето е поради „неговите провокативни изјави“.
РСЕ потсетува дека и Србија во јануари годинава го одби барањето за посета на министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља. Тој планираше да ги посети општините Прешево, Медвеѓа и Бујаноц во јужна Србија, кои се населени со мнозинско албанско население.
Прашањето за официјални посети меѓу Косово и Србија е регулирано со договор постигнат во рамките на дијалогот за нормализација на односите со посредство на Европската унија. Овие посети мора да бидат најавени преку офицерите за врска на Косово и Србија, по што властите на соодветните земји треба истите да ги одобрат.
Ново на Сител
-
Зеленски вели дека Кина и доставува оружје на Русија
-
Паднато дрво оштети три автомобили и скина кабли од бандерите кај „Млечен ресторан“
-
Странските студенти во САД масовно поднесуваат тужби против нивна депортација
-
Нетанјаху: Израел нема да дозволи Иран да развие нуклеарно оружје
-
Водата во Дебар, пред пиење мора да се преврива
-
Кос-Жељазков: Европската интеграција носи стабилност и безбедност во регионот на Западен Балкан
-
Трамп најави засилени трговски преговори, Кина подготвена за разговори
-
По повод Велигден автобусите од јавниот превоз во петок и понеделник ќе сообраќаат по неделен возен ред