Македонија
16. February 2016 - 8:46

Конкурс за наградата за социјално претприемништво

Од денеска до 27 април сите заинтересирани ќе можат да се пријават на конкурсот за „Наградата за социјално претприемништво за 2016 година“.

Наградата за социјално претприемништво по втор пат ќе се организира во Македонија. Оваа награда веќе е присутна во 12 земји во Европа со поддршка на Фондацијата ЕРСТЕ и Impact Hub Vienna. Во Македонија ќе биде во организација на Младиинфо,

„Наградата за cоцијално претприемништво 2016‘‘ претставува едукативна програма и натпревар за претприемачки идеи меѓу студентите и младите во Македонија. Претставените идеи во рамките на програмата имаат потенцијал да бидат развиени и имплементирани како иновативно решение во областа на социјалното претприемништво.

Целта на програмата е да се зголеми интересот меѓу младите за оваа област, како и да се поттикнат да размислуваат за создавање социјални бизниси како можност за развој на сопствена кариера. Најдобрите десет идеи ќе добијат бесплатно менторство и процес на инкубација.

За најдобрите три решенија во областа на социјалните бизниси обезбедени се парични награди во висина од 3000, 2000 и 1000 евра. Покрај паричните награди, ќе се додели и една дополнителна награда од заедницата, која ќе добие дополнителна поддршка во развивање на идејата.

Четирите најдобри тимови ќе добијат и бесплатно патување во Виена.