Македонија
27. July 2019 - 19:23

Коњаниците од Аеродром тргнаа кон Крушево

Дваесетина коњаници од Општина Аеродром попладнево од пред паркот „Јане Сандански“ тргнаа кон Крушево, каде ќе бидат дел од прославата на најголемиот македонски национален празник – Илинден.

Според традицијата, на коњаниците им беше предадено општинското знаме, со што официјално стартуваше 41-от традиционален коњички марш во организација на Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“.

Коњаниците со себе ја понесоа пораката дека Илинденското востание го означува почетокот на новата фаза во развојот на македонското ослободително движење и има посебно значење во историјата на македонскиот народ.

Во рамките на манифестацијата коњаницата и играорците од КУД „Никола Јонков Вапцаров“ се упатија кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, минувајќи низ главните булевари на општината.