Свет
31. December 2015 - 15:26

Клаус: Миграцијата не е дадено право

Според поранешниот чешки претседател Вацлав Клаус нема и не може да постои правото на миграција во човечкото општество, јави дописникот на МИА од Прага. Тој смета дека главниот проблем на денешните миграциска криза е дека поголемиот дел од оние што доаѓаат мислат дека имаат право на тоа.

- Ним им се кажува дека имаат право на тоа и тоа е страшна грешка, изјави Клаус за Чешката државна телевизија (ЧТ).

Тој рече дека со задоволство се согласува со изјавата на шефот на државата Милош Земан дека ,,земјата е наша" и луѓето пред се треба да живеат во нивните матични земји, а миграцијата е ,,екстремна и апсолутно вонредна состојба".

- На пример, уште во комунизмот беше одлично да ја напуштиш земјата, каде што не ни се допаѓаше. Но никогаш не сум имал чувство дека некоја земја има обврска да ме прифати. И ова треба да важи за сите мигранти денес, истакна тој.

Клаус додаде дека ,,глупоста на Европа е бесконечна, а кризата која сама ја создаде е јасна". За него, регистрираните повеќе од еден милион бегалци само во Германија се закана за културниот идентитет на Европа. 
- Секој, кој има отворени очи, мора да се грижи за тоа. Тоа се луѓе кои доаѓаат од различни култури, цивилизации, религии, континенти, други навики и начин на живот. А Исламот во тоа е исклучителен елемент, вели поранешниот чешки претседател.

Вацлав Клаус, есента, го иницираше основањето на платформата, која, според неговите претстави треба да и даде мандат на Владата да одбие да ги прифаќа бегалците врз основа на задолжителни квоти од земјите на ЕУ.

- Но сега, не е примарно прашање распоредувањето на стотици илјади бегалци, како што беше споменато во септември. Ако допатувале во Европа, еден и пол милиони луѓе, а се претпоставува дека идната година ќе бидат три милиони, не се работи воопшто за мудрото бриселско распоредување, туку мигрантите ќе се распоредуваат сами, а тоа е тој основен проблем, вели Клаус.