Македонија
4. December 2015 - 11:51

Ќе се заштитуваат платановите стебла во Моривис,Општина Зрновци

Здружението на граѓани „Движење за одржлив развој“ од Кочани и компанијата „Фармакем“ од Скопје како национален координатор на Програмата   за зачувување на природата во Македонија, потпишаа договор за  финансирање на проектот „Заштита и промоција на група платанови стебла во село Мородвис“ во општина Зрновци.
 
Проектот е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка со 560 илјади денари.
 
- Проектот ќе го реализираме во период од октомври 2015 до април 2016 година. За почеток изработен е елаборат за ревалоризација на природната реткост со акциски план за нивна заштита, а ќе следуваат и конзерваторски итни мерки за заштита на платановите стебла кои се шест на број во село Мородвис и уредување на просторот околу нив, изјави за МИА Васил Пендевски, претседател на „Движење за одржлив развој“ Кочани.
 
Платановите стебла во село Мородвис се стари над пет века и претставуваат вистинска реткост на природата во овој дел  на кочанската котлина. Проектот е поддржан и од страна на општина Зрновци, која платановите стебла заедно со археолошкиот локалитет Моробиздон ги смести во туристичката понуда на овој крај.