Македонија
18. October 2024 - 21:15

Ќе се најде ли натпартиски консензуз за уставните измени со одложено дејство

Предлогот на Мицкоски за уставни измени со одложено дејство како начин Македонија брзо да се врати на ЕУ патеката, по најавите за поголема дипломатска офанзива на Владата, станува дел од политичката дебата и внатре во земјава. Ќе се изгради ли единствен полиитчки конзензус за ова прашање?

Иако скептично, лидерот на опозциската СДСМ минатиот викенд прв ја отвори шансата неговите пратеници да дадат поддршка на ваквата идеја. Сепак Филипче сака прво да се увери дали одложеното дејство на уставните измени поминува кај членките на ЕУ. Побара од Мицкоски да открие кои држави се на негова страна.

Неговата коалициска партнерка Зајкова од ЛДП отиде и чекор понатаму. Таа отворено зазеде став дека вакво решение е можно и не е спротивно на преговарачката рамка и заклучоците на ЕУ Советот за Македонија. Зајакова вели дека во ЕУ докуменетите стои обврската државата да ги донесе уставните измени, но никаде нема кога тие да стапат на сила.

Конзенсусот засега не е можен поради  ДУИ. Интегративците не гледаат на одложеното дејство како решение за одблокирање на евроинтегративниот пат. Од таму велат дека ДУИ ја истакнува важноста да се има блиска координација на земјата со ЕУ, но дека Македонија без губење време треба да се фокусира на исполнување на своите обврски.

Прашањето за уставни измени е прашање која произлегува од преговорите и договорот со ЕУ, каде што самата ЕУ е гарант на нашата европска перспектива, под услов нашата земја да се придржува до договореното. Секој обид за ревидирање на обврските од преговарачката рамка е обид за отстапување од нашата европска ориентација, велат од партијата на Ахмети.

Сепак, како личен став токму Бујар Османи, екс шефот на дипломатијата кој го го заговараше францускиот предлог и ги потпиша протоколите со Софија, излезе со предлог за уставен закон со суспензивно дејство. Ваквата идеја беше отфрлена од сите како правно неиздржана, но говори за можна промена во ставовите на ДУИ.

Уставни измени за внесување на Бугарите со одложено дејство владејачката ВМРО-ДПМНЕ заговараше уште во времето кога беше опозиција. Тогашната власт на СДСМ и ДУИ стоеја на ставот дека тоа би значело промена на преговарчката рамка, а тоа не било возможно.