Македонија
11. July 2024 - 16:37

Ќе има ли пауза за приватни специјализации во здравството?

Двегодишен мораториум за специјализациите од кои има хиперпродукција на кадар. Во овој период да не се рапишуваат конкурси за гинеколози, кардиолози, интернисти, офталмолози, пластични хирурзи.. ниту приватни, ниту државно.

Ќе има само специјализации за кои има недостиг на специјалисти како што се онколози, рентгенолози, патолози, анестезиолози, физичари. Ова е една од опциите за кои ќе разговараат министерот и деканот на скопскиот медицински факултет на утрешната средба за правилно да се распределува кадарот и да се надополни дефицитот.

И од здружението на лекари специјализанти се согласуваат дека треба да се стави ред во овој сегмент. 

- Ја подржуваме идејата да се укинат како вакви приватните специјализации, бидејќи има неконтролирано распишување на конкурси. Само во изминатат година имавме 3 конкурси за приватни специјализации. Така да сметаме дека треба да контролираат тие приватни специјализации и доколку не може веднаш да се укинат барем да се редуцираат за да се спречи хиперпродукција на кадар, изјави д-р Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина.

Во меѓувреме приватните специјализианти кои во повеќе наврати протестираа иако поднеле барање се уште чекаат средба со новиот министер за решавање на нивните барања: покачување на примањата од 26.000 на просечна плата на доктор во ЈЗУ, здравствено и трајно вработување.

- Најпрвин да ја оствариме таа средба, да видиме кои се неговите предлози и размислувања. Искрено се надеваме дека министерот има добра волја да ги реши нашите барања и да се реши статусот и конечно приватните специјализанти да добијат еден достоинствен живот во државата, рече д-р Илиоска Чешлароска.

Во моментот само на клинички има 400-тини приватни специјализанти.