Македонија
17. August 2024 - 11:59

Кисела Вода е најтранспарентна скопска општина, објави ЦГК

Кисела Вода е најтранспарентната скопска општина, објави Центарот за граѓански комуникации во своето редовно годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност. Активната транспарентност на Општина Кисела Вода во 2024 година изнесува 98.6 проценти и по третпат се наоѓа во групата на иституции со многу добра активна транспарентност, се наведува во денешното соопштение на локалната самоуправа.

-Во 2022 беше направен огрoмен скок во транспарентноста од преку 26 проценти, односно од 59.2 се искачи на 85.5 отсто. Следната, 2023 година, активната транспарентност порасна на 88.4 проценти, за оваа година да има скок од уште 10.2 проценти, односно вкупно 98.6 отсто. Под „активна транспарентност“ се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации. Сепак, тоа значи и почитување на законската основа за активната транспарентност на институциите, што се наоѓа, пред сè, во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и во низа други закони. Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од добрата практика за проактивно објавување информации и од акциските планови во рамките на иницијативата за Отворено владино партнерство, пишува во соопштението на Општина Кисела Вода.

Оттаму додаваат дека „досегашните заложби и реализирани проекти во изминатите скоро три години, со посебен акцент на зголемената транспарентност и дигитализацијата ѝ овозможија на Општина Кисела Вода, меѓу 138 апликанти од светот, од годинава да биде единствената македонска општина што е дел од мрежата на Партнерството за отворена власт (OGP)“. 

- Во моментов заедно со партнерите во овој процес, ИРИ и здружението КРИК, во тек е изготвување на акциски план што допoлнително ќе ја унапреди состојбата во општината и пошироко, посебно во сферите на зголемената транспарентност и дигитализацијата, пишува во соопштението на Општина Кисела Вода.