Македонија
31. March 2016 - 16:03

Кирацовски: Избран поскап понудувач за проектот „Компјутер за секое дете“

Дополнителниот заменик на министер за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски денеска на прес-конференција рече дека дошол до сериозни индиции за вмешаност на Министерството за информатичко општество и администрација во незаконски тендери.

Според Кирацовски, за проектот „Компјутер за секое дете“ МИОА „дозволило да биде избран поскап понудувач за набавка на лаптопи за учениците, иако постоел друг понудувач, којшто понудил иста конфигурација на компјутерите“, а разликата во цена, како што рече, „е скоро 2,3 милиони евра“. 

- Според тендерската документација и договорот, платени се 53.000 лаптоп компјутери за учениците, но до образовните установи се доставени 51.979, или 1.021 компјутер помалку. Тоа значи дека во нечии џебови само од платените, а неиспорачани компјутери завршиле околу 200.000 евра, рече на прес-конференција Кирацовски.

Според дополнителниот заменик на министер за информатичко општество и администрација, „едно се барало во тендерската документација за набавка на компјутерите, друго стои во одлуката за примопредавање објавена во Службен весник, а сосема трето е испорачано“. - Во тендерската документација се бараат компјутери со меморија на хард диск од 80 GB. Во објавата во Службен весник истите компјутерите имаат хард диск со меморија од 4 GB, а во реалноста, испорачаните компјутери имаат хард диск од 8 GB, наведе Кирацоски.