Свет
15. August 2015 - 12:59

Кинеската полиција потврди присуство на натриум цијанид во Тјанцин

Кинеската полиција првпат потврди дека во реонот на силните експлозии во градот Тјанцин има присуство на токсичен натриум цијанид.

Материјата е смртоносна при проголтување или вдишување, а при контакт со вода е лесно запалива. Полицијата го потврди присуството на хемикалијата северно од местото на експлозијата во индустриската зона на градот. Започнато е деконтаминирање на зоната со прскање на хемиски средства.

Нивото на загаденост на воздухот засега не е опасно, изјавил пензиониран службеник во градската управа за заштита на животната средина.

Во реонот денеска е спасен уште еден преживеан, кој е пронајден на 50 метри од местото на експлозијата.

Над 1.000 спасувачи работат без прекин во небезбедни услови, тврдат властите.

Во градот денеска се слушнале уште седум-осум нови експлозии, кои предизвикале пожари, а на граѓаните кои живеат во радиус од три километри им е наредено веднаш да се евакуираат.

Бројот на жртвите во инцидентот достигна 85 лица, а како исчезнати се водат 13 пожарникари и неутврден број на пристаништни работници. Повредени се 700 луѓе, од кои 30 се наоѓаат во тешка состојба.