Свет
9. August 2017 - 13:28

Кениската опозиција тврди дека изборните резултати се хакирани

Лидерот на кениската опозиција и претседателски кандидат Раила Одинга денеска изјави дека информатичкиот систем на Централната изборната комисија на Кенија, бил хакиран за да може да се манипулира со резултатите од вчерашните избори.

Одинга тврди дека хакери упаднале во компјутерскиот систем користејќи го идентитетот на ИТ менаџерот на изборната комисија, Крис Мсана, кој беше убиен минатиот месец под мистериозни околности.

Претходно, опозицискиот лидер ги отфрли резултатите од изборите, според кои, по 90 отсто од преброените гласови, актуелниот претседател на Кенија, Ухуру Кенијата се наоѓа во уверливо водство и би можел да победи уште во првиот изборен круг.

Според прелиминарните резултати, Кенијата освоил 54,5 отсто од гласовите, додека неговиот противкандидат Одинга добил 44,6 проценти.

Изборната комисија засега не ги коментира обвинувањата на Одинга, но неколкумина кениски политичари го предупредуваат да остане мирен и да не создава тензична постизборна атмосфера.

Во кениската јавност се стравува од можното повторување на насилството од по изборите од пред десет години, кога беа убиени над 1.100 Кенијци, а околу 600.000 други беа принудени да ги напуштат своите домови по крвавите немири во 2007 година.

Одинга, кој е лидер на Националната супер алијанса (НАСА), ветува дека неговите подржувачи и симпатизери ќе останат мирни.

Локалните медиуми меѓутоа, јавуваат дека во одделни делови на Западна Кенија, веќе имало протести на кои демонстрантите извикувале пароли „ако не е Риала, нема да има мир“.