Македонија
10. July 2024 - 16:44

Катица Јанева го изгуби правото да работи кај синот, при контрола не била во канцеларијата

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева го загуби правото да работи во канцеларијата на својот син. При контрола направена од Управата за извршување на санкции, Јанева не била пронајдена на работното место, а заклучена била и канцеларијата. Првиот човек на управата вели дека согласно договорот, екс обвинителката била обврзана да е на работната позиција во текот на пријавеното работно време.

„Во работното време во кое таа треба да биде таму присутна , била затворена, не само она што не била присутна, туку и самата адвокатска канцеларија. Две службени лица од Управата за извршување на санкции беа, ја констатираа таа ситуација, направија записник и после тоа потпишав наредба и ја испратив до затворот Идризово дека лицето Катица Јанева веќе нема да може да излегува од затворот Идризово и дека затворската казна ќе треба таму да ја извршува“, изјави Александар Пандов, Директор на Управа за извршување на санкции.

Синот на Јанева пак во чија канцеларија е таа ангажирана, тврди дека немало прекршување на договорот за извршување на работните задачи.. Тој бил службено отсутен, а неговата мајка во моментот на проверка купувала јадење.. Потегот на Управата за извршување на санкции го оценува како обид за нанесување штета и оцрнување на името на Катица Јанева.

„Во текот на вчерашниот ден во 14 часот дошле две лица кои провериле само дали вратата е заклучена и во рок од 15 секунди го напуштиле местото при што и соседот и другите лица јас бев контактиран, моментално имав надвор службена работа, мајка ми работеше во канцеларијата, имавме задачи кои требаше да ги завршиме, единствено мајка ми купила храна за да руча имајќи предвид дека не добива јадење од затворот Идризово бидејќи ни физички не таму во текот на денот“, изјави Лазар Јанев, Адвокат и син на Катица Јанева.

Од затворот Идризово велат дека се уште не го добиле известувањето од санкции, па и денеска Јанева била на работа кај својот син.. Од петок пак ќе користела и годишен одмор во траење од 20 дена.

Поранешната шефица на СЈО од февруари годинава работи во адвокатската канцеларија на својот син.. Наутро доаѓа од Идризово, а по завршување на работниот ден се враќа во затворот. Правото да е работно ангажирана надвор од казнената установа го доби по три години откако влезе во затвор.. Осудена е на седум години за случајот „Рекет“ заради злоупотреба на службената положба како прв човек на поранешното СЈО.