Камбовски: Набрзо ќе биде избран в.д. претседател на Врховниот суд
Набрзо ќе биде избран в.д. претседател на Врховниот суд, а изборот доцни бидејќи се уште не се спроведени постапките за интегритет и психолошкиот тест, порача денеска претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски.
-Комисијата не успеа да го направи тоа, бидејќи имавме повеќе од 70 кандидати од Академија, кои исто така се тестираа. Претпоставувам тоа беше причината што повеќе се даде приоритет таму, бидејќи има многу кандидати и така се пролонгира постапката. Меѓутоа за брзо време ќе биде избран. Затоа изборот е ставен на седница на Судски совет, бидејќи во среда истекува мандатот на актуелниот претседател на Врховен суд, изјави Камбовски пред почетокот на седницата на Судски совет.
Прашан дали денешната и за утре закажаната седница на Судски совет се користат како алиби за нивните членови, за кои се бара интерпелација, да не присуствуваат на седницата на Собранието, Камбовски рече дека немале таква намера.
-Апсолутно не. Немаше никаква намера. Ние кога се закажуваше нашата седница не ни знаевме дека ќе биде на иста дата и собраниската седница. Нашава седница воопшто не е пречка таа да биде одржана, и обратно, собраниската, пак, да биде пречка нашава да се одржи. Доколку некој од колегите изрази желба да отиде таму и да даде изјава, ние тука ќе ја прекинеме седницата и ќе почекаме да се врати. Значи нема да има никаква пречка ниту во Собрание, ниту во Судскиот совет, рече Камбовски во одговор на новинарско прашање.
На членовите на Судски совет за кои се бара интерпелација, додаде, останува да одлучат сами дали ќе бидат присутни на собраниската седница или не.
-Тоа е нивен избор, јас не можам во нивно име да ви кажувам, и не знам кој од нив одлучил да оди и да го користи правото да се обрати на Собранието. Доколку некој одлучи, ние тука ќе ја прекинеме седницата, ќе дадеме можност на колегата да отиде во Собрание, да си даде таму изјава, па ќе го почекаме да се врати назад и ќе продолжиме со нашата работа, појасни Камбовски.
Прашан дали очекува некој од нив да поднесе оставка, рече дека тоа е личен чин.
-Не знам, тоа е личен чин, индивидуална одлука. Не можам јас, ниту очекувам, ниту не очекувам. Не знам како ќе се одлучат колегите, посочи Камбовски.
Потврди дека има пријавено кандидати за судии во сите судови, но нагласи дека смета оти нивниот избор нема да ги реши проблемите, туку само ќе ги ублажи.
-Треба уште судии за основните судови. Со ова го ублажуваме проблемот, но не го решаваме целосно, потенцира Камбовски.
Ново на Сител
-
Интерепалции: За СДСМ напад на уставниот поредок, за ВМРО-ДПМНЕ чистење од партиски кадри
-
Членовите на Судски совет се уште не одлучиле дали ќе присуствуваат на собраниската седница за нивна интерпелација
-
Рекации за интервјуто на Пендаровски за Сител
-
Европа да ги задржи добрите односи со САД, меѓу приоритетите на полското претседавање со ЕУ
-
Касами: ДУИ да се реформира наместо да се заканува
-
СДСМ: Во министерството за дигитална трансформација тендери добивал сопругот на државната секретарка
-
Граѓани вртат кругови да најдат паркинг - хаосот со паркирање на Клинички со години е секојдневие
-
Роковите за употреба на јаглен ќе бидат пробиени