Тенис
9. March 2018 - 16:40

Јотовски го надигра првиот носител на фјучрсот во Ровињ

Најдобриот македонски тенисер Томислав Јотовски направи голем подвиг откако во мечот од 2.коло на фјучрсот во Ровињ, Хрватска успеа да го надигра првиот носител Чехот Зденек Колар (21 година) со 2-0 во сетови. Мечот траеше 71 минута, а Јотовски двата сета ги доби со 6:2 во гемови. Чехот покрај тоа што беше прв носител, има многу подобар ранг од Јотовски и се наоѓа на 226 место (а бил и 218-ти).

Во првиот сет нашиот тенисер на стартот направи брејк за водство од 2:0, а потоа по 4:2 освои уште два гема во серија за да го добие првиот сет. Во вториот сет Јотовски ја продолжи серија на освојување на гемови и поведе со 4:0 (шест гема во низа), а потоа и рутински го заврши сетот и мечот искористувајќи ја првата меч топка.
Нашиот тенисер имаше 4/6 брејка, а воедно не му дозволи на ривалот ниту една брејк шанса. Скорот во освоени поени беше 55:37 за Јотовски. 
Во четвртфиналето утре Јотовски ќе игра против петтиот носител Мате Делиќ од Хрватска, кој во мечот од 2.коло беше поуспешен од Чехот Павел Неједли и победи со 2-1 во сетови. Делиќ (24 години) се наоѓа на 403.место на АТП листата.