Балкан
4. јуни 2017 - 14:57

Јилдирим: САД не информираа за почеток на офанзива против ИД во Рака

Турскиот премиер Бинали Јилдирим денеска соопшти дека САД ја информирале Турција дека отпочнува операција за ослободување на ирачкиот град Рака од терористичката организација Исламска држава (ИД). 

- Во ноќта меѓу 2 и 3 јуни започна претходно планираната операција во Рака. САД не информираа за тоа пред нејзиниот почеток, рече Јилдирим.

Како што јави ТАСС, Јилдирим нагласи дека „не е тајна“ оти Анкара не се согласува со начинот што го избраа САД за водење на таа операција.

- Тие не информираа дека тоа не е прашање на избор, туку нужен потег и дека по операцијата нема до соработуваат со Партијата на демократската унија и со Силите за заштита на народот (на сириските Курди), изјави Јилдирим за весникот „Милиет“.  

Турција ги смета Партијата на демократската унија (ДУП) и Силите за заштита на народот (УПГ) за ограноци на Курдската работничка партија (ПКК) во Сирија и се противи на американската достава на оружје на припадниците на овие групи.

Според Јилдирим, Турција добила гаранција дека по завршувањето на офанзивата САД ќе се потрудат доставеното американско оружје да не заврши во рацете на „терористичките групи што дејствуваат во Турција“ и тоа да не се користи за напади врз турските безбедносни сили и граѓани.

САД во вторникот соопштија дека започнале со доставување оружје на УПГ и на нејзиното политичко крило ДУП, во рамки на подготвките за офанзивата за потиснување на џихадистите од Рака, кој важи за престолнина на т,н, Исламски Калифат, што го прогласи џихадистичката група Исламска држава (ИД) на териториите под нејзина контрола во Сирија и Ирак.

Портпарокот на групата УПГ, Нури Махмуд вчера најави дека „за неколку дена“ ќе започне офанзива за освојување на Рака. Според Махмуд, офанзивата ќе ја спроведат Сириските демократски сили (СДФ), коалиција составена од УПГ и неколку арапски бунтовнички групи, кои уживаат поддршка на САД.

Махмуд соопшти дека борците на СДФ напредувале до предградијата на Рака и дека започнале со подготовки за офанзива за заземање на градот, која би требала да почне во следните неколку дена. 

Портпаролот на антиџихадистичката коалиција предводена од САД, која врши воздушни напади врз позициите на ИД во Сирија и Ирак, американскиот полковник Рајан Дилон, вчера одби да ги коментира најавите на Махмуд за почеток на офаназива во Рака.

Тој само изјави дека борците на СДФ „секој ден напредуваат и се се поблизу и поблизу“ до Рака. Според него, припадниците на СДФ се доближиле на околу три до 10 километри северно и источно од Рака.