Јанкуловски: Холокаустот е потсетник за страшните последици од нетолеранцијата, омразата и дискриминацијата
Холокаустот е потсетник за страшните последици од нетолеранцијата, омразата и дискриминацијата, а ние како Влада остануваме посветени на борбата против антисемитизмот, говорот на омраза и сите облици на дискриминација, истакна заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски на денешната комеморација посветена на 11 март, денот на депортацијата на македонските Евреи.
Во име на владината делегација, во која беа и замениците министри Викторија Трајков и Марјан Ристески, Јанкуловски посочи дека сегашните и идните генерации треба да учат од историјата, да градат општество засновано на мир, разбирање и солидарност.
- Со длабока почит и тага се сеќаваме на 7.144 македонски Евреи кои беа одведени од своите домови и депортирани во логорот Треблинка каде што нивниот живот насилно беше прекинат. Во срцето на Битола, град со длабоки историски корени и мултикултурно наследство, стоиме обединети во меморија на оваа трагедија, но и со решеност да го зачуваме сеќавањето и да пренесеме силна порака за иднината. Холокаустот е потсетник за страшните последици од нетолеранцијата, омразата и дискриминацијата. Како Влада остануваме посветени на борбата против антисемитизмот, говорот на омраза и сите облици на дискриминација. Денес не сме тука само да жалиме, туку и да испратиме порака дека никогаш нема дозволиме да се повтори таква неправда. Се поклонуваме пред жртвите, но и ги повикуваме сегашните и идните генерации да учат од историјата, да градат општество засновано на мир, разбирање и солидарност, истакна Јанкуловски.
Сеќавањето на 11 март 1943 година е важно, бидејќи ако не зборуваме, тој ден ќе се заборави, истакна Радојка Хелман Денковска, потпретседател на Еврејската заедница во Република Македонија.
- Ние секоја година го чествуваме овој значаен ден за нас македонските Евреи бидејќи ако не споменуваме, тој ден ќе се заборави. Мора да потсетуваме за да знаат младите генерации што се случило и никогаш никому да не се повтори. Пораката од Битола и од Македонија до светот е дека мора да споменуваме бидејќи ова секому може да се случи, а повеќе нема преживеани што ќе може да раскажуваат и да кажуваат за кобното утро и воопшто за Холокаустот. Ние потомците од Еврејската заедница сме тука за да гласно говориме и тоа никому да не се повтори, истакна Хелман Денковска.
На комеморацијата во Битола, Шели Леви Друмер, внука на Хаим Абраванел која денеска живее во Израел, рече дека Битола треба да стане отворен урбанистички музеј на сите еврејски заедници од Балканот. Битола е приказна, Битола е голем еврејски центар и Битола мора да продолжи да ја раскажува историјата на еврејството.
Традицијата со голема посветеност ја одржува градот Битола затоа што, како што рече градоначалникот Тони Коњановски, соживотот нема цена, а пријателството, мирот и соработката се атрибути што треба да ги почитуваме.
- Битола оддава почит на над 3.300 наши сограѓани, еснафи, лекари, занаетчии, сите оние кои го споделувале животот со граѓаните на Битола. Потсетуваме на мрачни моменти и оддаваме почит со традиционалната поворка на живите која се одвива до железничката станица во Битола каде нашите сограѓани Евреи биле депортирани. Соживотот нема цена, пријателството, мирот и соработката се атрибути што треба да ги почитуваме, нагласи Коњановски.
Цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи од Битола и народната хероина Естреја Овадија Мара положи делегација на македонското Собрание, претставници на Еврејската заедница, Сојуз на борци од Битола, локалната самоуправа и политички партии од градот.
Утре комеморација за депортираните македонски Евреи ќе се одржи во Штип, а на 11 март во Скопје.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Игор Митревски, инженер за безбедност во сообраќајот
-
Приведени 77 лица, повредени 48 полицајци - Вучиќ најави „нема веќе помилувања, време е за одговорност“
-
Азир Алиу најавува прецизно дефинирани протоколи кога треба пациентите да се испраќаат на Клинички
-
Јаневска: Од идната година свидетелства само електронски
-
По ДОМ и Партијата на пензионерите ја напушта СДСМ
-
Димитриевски реизбран за претседател на „ЗНАМ”
-
Крстевски: Кочани будно ќе го следи судскиот процес, требаше да има оставки од функционери од морални причини
-
Едрилица се скрши сред Охридско Езеро од силен ветар