Македонија
11. April 2020 - 17:58

Извршена е дезинфекција во Битола и Штип за време на полицискиот час

 Екипи на Територијалната противпожарна единица, комуналното претпријатие „Исар“ и на приватни фирми вршат дезинфекција на улиците низ градот Штип. Градоначалникот Благој Бочварски вели дека дезинфекцијата се врши со четири возила и ќе продолжи и утре односно додека трае викендов полицискиот час. 

На веб-страницата на Општина Штип може да се видат и телефонските броеви на супермаркетите кои вршат достава на намирници до граѓаните, а една такси-компанија се има пријавено за превоз на патници. Осум ресторани и пицерии вршат достава на храна за граѓаните. На веб-страницата се наведени телефонските броеви на кои граѓаните можат да се јават.

Мобилните тимови на Општина Штип заедно со волонтерите на Црвен крст Штип вршат достава на намирници за старите и изнемоштени лица. Досега од нив помош побарале над сто граѓани.  Во Битола заврши масовната акција за дезинфицирање на улиците и јавните прометни површини на подрачјето на Општина Битола.

Општинскиот кризен штаб информира дека во акцијата од 7 до 17 часот дезинфицирани се најфреквентните улици во градот, но и населени места на Општина Битола.

-Акцијата ја координираа екипи на ЈП „Комуналец“, а во акцијата се вклучија и ЈКП „Водовод“, КЈП „Нискоградба“, ЈП „Паркинзи“, Територијалната противпожарна служба, екипи на ЕСМ-РЕК Битола, ЈП „Стрежево“, приватните компании „Зимак“, „Стентон градба“, ЗИК „Пелагонија“ како и волонтери од руралните средини. Во акцијата беа вклучени пет цистерни, 22 трактори, една метларка, 50 рачни пумпи и останати возила за логистика. Според претходно подготвениот оперативен план, градот беше поделен на 27 реони и сите се дезинфицирани, информираа од Општина Битола.

Според соопштението за јавност, во акцијата посебен акцент бил ставен за во Широк Сокак и дворот на Клиничката болница, а дезинфекција е извршена и на урбаната опрема – клупи, детски и спортски реквизити, корпи за отпадоци и патеките до влезовите на зградите за колективно домување.

-Дезинфекција е извршена и во руралните средини, а според оперативниот план и на предлог на градоначалничката Наташа Петровска, акцијата ќе продолжи и во наредните денови, посочија од општинскиот кризен штаб во Битола.