Свет
27. May 2016 - 12:31

Израелскиот министер за животна средина поднесе оставка заради коалицијата со Либерман

Израелскиот министер за заштита на животната околина Ави Габај денеска соопшти дека поднесува оставка во знак на револт против вклучвањето на крајниот националист Авигдор Либерман во коалициската влада, пренесува БТА. 

- Политичките текови, поточно смената на министерот за одбрана, според мене, се сериозни дејствија, коишто го пренебрегнуваат она коешто е важно за безбедноста на земјата, и ќе доведат до поголем екстремизам и раздор меѓу народот", рече Габај, кој доаѓа од центристичката партија „Кулану".

Премиерот Бенјамин Нетанјаху прифати Либерман да биде нов министер за одбрана согласно договорот за новата коалициска Влада.

Нетанјаху склучи договор за влегување во владата на ултранационалистот Авигдор Либерман, на клучното место министер за одбрана кој ги контролира Палестинските територии кои меѓународната заедница ги смета за окупирани од Израел.
По цела седмица преговори, партиите Ликуд и Јизреал Беитену, односно партиите на Бенјамин Нетанјаху и на Авигдор Либерман, објавија дека се договориле вториот да го преземе министерството за одбрана и уште еден член од неговата партија да стане министер за доселеници. 

Со новото прегрупирање мнозинството на Нетанјаху во израелскиот Кнесет, кој брои 120 пратеници, се зголемува од 61 на 66, а актуелната влада станува најдесната во историјата на Израел, оценуваат политичките коментатори.

Оставката на Габај доаѓа по онаа на Моше Јалон од конзервативната партија на Нетанјаху „Ликуд" ја напушти должноста министер за одбрана, но и самата партија, во знак на протест против решението таа должност да му биде предложена на Либерман.

– Го информирав премиерот дека поради неговото однесување и неодамнешните случувања, но и поради тоа што не му верувам, јас се повлекувам од владата и парламентот и ќе се повлечам од политичкиот живот, напиша тогаш Јалон на Твитер.

Габај имаше спор со премиерот и по повод владините планови за разработување на израелските залихи од природен гас во Средоземното Море, поточно за конзорциумот, којшто според критичарите ќе ја ограничи конкуренцијата и ќе ги одржува цените високи.