Изгаснат шумски пожар кај кочанското село Спанчево
Екипи на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од Кочани претпладнево го локализираа и целосно го изгаснаа шумскиот пожар што вчера попладне избувна во околината на рамничарското село Спанчево и се прошири по падините на Осоговските Планини.
Огнената стихија, потпомогната од ветерот, брзо се проширила во правец на селото Нивичани при што изгореа над 50 хектари нискостеблеста шума, сува трева и друга вегетација. Тешко достапниот и стрмен терен ги оневозможил пожарникарите за брза и ефикасна реакција, а во гаснењето помогнале и вработени во шумската подружница „Осогово“ од Кочани.
– Интервениравме со четири возила и 12 пожарникари за да спречиме огнот да зафати и дел од објектите во селото Нивичани. Огнот бил забележан вчера нешто по 15 часот и успеавме да го локализираме околу полноќ, а рано изутрината повторно бевме на терен и целосно го изгаснавме. Убедени сме дека се работи за подметнат пожар, поради што ќе треба да реагираат и други служби, пред сè во откривањето на сторителот за да се спречат посериозни последици во иднина, истакна Благој Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.
Припадниците на ТППЕ – Кочани упатија критика и за општествената одговорност на месното население, затоа што иако пожарот бил видлив, никој од жителите на Спанчево и околните села не ги известил за тоа, туку бил случајно забележан од пожарникар кој во тој момент по друга задача се нашол на терен.
За само две недели ова е втора поголема интервенција на отворен простор за кочанските пожарникари, откако пред десетина дена во голем шумски пожар на Осоговските Планини изгореа над 150 хектари борови, дабови и друг вид стебла.
Ново на Сител
-
ВО ЖИВО: Одобрена екстрадицијата на Палевски
-
ВО ЖИВО: Распределбата на спортски ваучери ќе седне на обвинителна клупа 12 лица
-
Скопјанец со тешки повреди заврши на КАРИЛ по пад во отворена шахта
-
Сите имаат услови за владина коалиција
-
Ковачевски со критики за ДУИ
-
И ДУИ и Вреди со завршни митинзи во Тетово во понеделник
-
Кампања за парламентарни избори
-
Осигурителните компании не ги поевтинија полисите