Свет
25. August 2016 - 18:08

Италија: Коригирана информацијата за загинатите во земјотресот на 241 наместо 247 лица

Бројот на загинатите од земјотресот во Италија е 241, а не како што претходно беше соопштено 247, изјави денеска претставник на службата за цивилна заштита, пренесе ДПА.

Според него во Аматриче потврдените жртви се 184, во Аркуата дел Тронто - 46 и во Акумоли - 11.

Повеќето од загинатите се туристи, вклучувајќи и странци. Околу 270 лица се повредени и се сместени во болници.

Градоначалникот на Амалтриче денеска изрази стравување дека под урнатините на хотелот „Рома" се наоѓаат телата на 15 до 20 туристи.

Според последните податоци на властите, спасувачките екипи извадиле живи 215 лица од под урнатините. Во спасувачките работи се ангажирани над илјада полицајци, 1060 пожарникари, 400 војници, на кои им се придружија повеќе од 3.000 волонтери, пренесе ТАСС.

Шефот на националната служба за цивилна заштита Фабрицио Курчио изјави дека бројот на загинатите сега може да го надмине бројот на загинатите во земјотресот во градот Аквила во 2009 година, кога загинаа 309 луѓе.