Македонија
3. July 2018 - 17:31

Истражување: Македонската влада најотворена меѓу владите во регионот

Владата на Република Македонија е на прво место во оценката за отвореност на владите во регионот, покажува истражувањето поддржано од ЕУ, со кое се мери отвореноста и транспарентноста на институциите во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора.

Истражувањето „Action SEE - Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа“ го спроведе Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, а денеска му беше презентирано на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски.

Според резултатите, најголем напредок Владата на РМ бележи во  индикаторот за свесност, 99,88 проценти, што се оценува преку стратешките документи, следливоста, мисиите, визиите и годишните извештаи. Видлив прогрес има и во пристапот до информации, 77,27 процента, што опфаќа јавни консултации, слободен пристап до информации од јавен карактер, пристапност на процедурите и објавување извештаи, како и во индикаторот за Интегритет на институцијата, 77,89 отсто, а подразбира етички кодекси, конфликт на интереси, антикорупциски мерки и добро управување. 

Напредок од 69,13 отсто има и во индикаторот за транспарентност на буџетот, потрошените средства, јавните набавки, анекси на договори, органограми и систематизации. 

Индексот ја мери и отвореноста на министерствата во посочените земји. Македонија и во тој сегмент на истражувањето бележи напредок и сега е веќе на третото место, зад министерствата во Србија и во Црна Гора. И кај министерствата најголем напредок има во индикаторите на транспарентност и свесност.

- Индикаторите кои се користени се приспособени на нашите потреби на национално и регионално ниво, што значи вклучуваат донесување и измени на закони, примена на препораки од Европската комисија (ЕК), добри пракси од регионот и стратешки документи во реформските процеси, истакна проект-координаторката Лилјана Пецова-Илиеска.

Министерот Поповски оцени дека ова се извонредни резултати, бидејќи, како што рече, минатата година Владата на РМ и министерствата биле рангирани на последно место во регионот. Македонија, потенцира Поповски, настојува да биде лидер во транспарентност, отчетност и одговорност, не само во регионот, туку и многу пошироко.

Мониторингот на веб-страниците на институциите е спроведен од декември 2017 до февруари 2018, а лани истото истражување е направено и за периодот од декември 2016 до февруари 2017. Споредбата меѓу двата периода покажува дека индексот на отвореност на Владата на РМ значително се зголемил на 75,61 проценти во споредба со претходните 52,34 проценти, кога македонската Влада беше на последното место меѓу владите на земјите опфатени со ова истражување.

Во Македонија мониторингот втора година по ред се спроведува од страна на Фондацијата „Метаморфозис“, која отвореноста на владите ја мери преку четири критериуми: транспарентноста на институциите, пристап до информации, интегритет и свесност.