Интервју на министерот Муцунски за најголемиот јавен сервис во Австралија – SBS
Во рамките на посетата на Австралија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, даде две интервјуа за најголемиот австралиски јавен сервис SBS, на македонски и англиски јазик.
Во разговорите, министерот Муцунски изрази задоволство што е првиот министер кој остварува официјална работна посета на Австралија по цели 15 години, што, како што нагласи, е уште еден доказ за грижата што новата Влада ја посветува на обновување и зајакнување на односите со македонската дијаспора. Оваа посета, додаде тој, коинцидира со значајниот јубилеј – 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу двете земји.
Во интервјуата, министерот Муцунски говореше за приоритетите на новата македонска Влада во надворешната политика.
„Во делот на надворешната политика, би рекол, имаме три клучни константи. Прво, ние сме земја членка на НАТО. Второ, ние сме земја која претендира да стане полноправна членка на ЕУ и сме усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. И трето, ние сме една од ретките земји што имаат стратешко партнерство со САД. И мислам дека по однос на сите три клучни позиции, нема некоја отстапка од ставовите на Австралија“, изјави министерот Муцунски.
Тој исто така потенцираше дека, како министерство со проширени надлежности, од особена важност е зголемувањето на обемот на надворешната трговија, интензивирањето на билатералната, економската и политичката соработка со клучните политички центри, како и зајакнувањето на односите со македонската дијаспора насекаде низ светот.
Министерот Муцунски информираше и за одржаните високи политички билатерални средби со министерката за надворешни работи на Австралија, Пени Вонг, министерот за надворешни работи „во сенка“, Дејвид Колман, како и со парламентарната група за соработка помеѓу двете земји. На овие средби, како што истакна, биле споделени заеднички ставови за глобалните предизвици и поврзаноста на случувањата во Индо-Пацификот и Австралија со безбедносната состојба на европскиот континент.
Во интервјуто, министерот Муцунски се осврна и на актуелните геополитички предизвици, притоа истакнувајќи:
„Некои можат да ги сметаат методите на новата американска администрација како неконвенционални, но треба да се прашаме – што ни донесе конвенционалната дипломатија досега? Таа ни донесе повеќе војни и повеќе конфликти. Видовме, особено во последните неколку денови, еден ефикасен ангажман од страна на претседателот Трамп и неговата администрација, како и позитивниот прием на овој ангажман од страна на претседателот Зеленски“, изјави министерот Муцунски.
Посетата на Австралија, според министерот Муцунски, претставува значаен чекор во зацврстувањето на билатералните односи и продлабочувањето на економската и политичката соработка, како и во унапредувањето на врските со македонската дијаспора, која, како што истакна, е клучен мост на пријателство меѓу двете држави.
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Ново на Сител
-
Еден загинат во напад на руски дрон во близина на Киев
-
Германија во пресрет на утрешните избори без јасен фаворит кој сам би формирал влада
-
Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија: По осум години ставен е во функција линеарниот акцелератор
-
Уапсен прилепчанец баран по потерница
-
Пронајдени телефони кај четири осуденици од Идризово
-
Од утре пораст на температурите и услови за слаб локален дожд
-
Пронајден труп на местото каде се гради Мега паркот во Штип
-
При претрес во Тетово пронајдена дрога | ФОТО