Македонија
14. February 2020 - 14:26

Инфективна клиника: Двајца пациенти со компликации од грип во животозагрозувачка состојба, 38 хоспитализирани

Двајца пациенти со компликации од грип се на механичка вентилација на Универзитетската Клиника за инфективни болести и се во животозагрозувачка состојба, информираат од таа јавна здравствена установа.

На Инфективната клиника се хоспитализирани вкупно 38 пациенти со компликации од грип.

На Универзитетската Клиника за детски болести, пак, се хоспитализирани 17 пациенти со симптоми на грип, но сите немаат компликации. Директорката на Клиниката, Наташа Најдановска Алулоска денеска изјави дека две деца се хоспитализирани со потешка форма на бронхопневмонија од компликации од грип и посочи дека немаат пациенти со грип кои се на механичка вентилација.

Во врска со девојчето кое вчера почина на таа Клиника од компликации од грип, таа рече дека тоа имало хронична болест, енцефалопатија и церебрална парализа.

– Почина со пневмонија како компликација од грип. Детето беше долги години пациент на Клиниката, а со грип беше лекувано два дена, додаде д-р Најдановска Алулоска, одговарајќи на новинарско прашање пред стручната презентација на тема „Леукемија болест што се лекува“, што се одржа на Медицинскиот факултет.