Балкан
27. December 2017 - 18:06

Хрватска и Унгарија обвинети за илегална депортација на мигранти во Србија

Хрватска и Унгарија во текот на 2017 година од своите територии во Србија незаконски депортираа околу 1.500 мигранти, обвини денеска претставникот на српскиот Центар за заштита и помош на барателите на азил, Радош Ѓуровиќ. 

- Хрватска и Унгарија депортираат мигранти на територијата на Србија, обидувајќи се да ја претворат земјата во тампон зона. Така, на пример, Хрватска секојдневно во Србија депортира по 30-тина мигранти, изјави Ѓуровиќ.

Според него, во текот на 2017 година од Унгарија во Србија биле депортирани 1.000 мигранти, а од Хрватска - вкупно 500. 

- Илегалното депортирање на мигранти не претставува само кршење на меѓународните закони и правила, туку и на законите на Европската унија и на шенгенскиот договор, изјави Ѓуровиќ.

Србија Мигранти

Низ Србија минуваше главната линија на т.н. балканска бегалска рута, преку која во последниве три години кон државите членки на ЕУ минаа околу 900.000 лица. 

Најголемиот број на мигрантите кои пристигнуваат во Србија не сакаат да останат во земјата, туку само ја користат како транзитна зона на нивниот пат кон ЕУ.

По затворањето на балканската рута во пролетта 2016 година, во Србија останаа блокирани неколку илјади мигранти кои во најголем дел се сместени во прифатни центри, но дел од нив престојуваат и долж границите со Унгарија и Хрватска со надеж дека така полесно ќе преминат на територијата на членка на ЕУ.