Хаос во јавните претпријатија во Скопје
Хаос во претпријатијата под Град Скопје. Вработените во Улици и Патишта најавуваат штрајк поради доцнењето на платите. Јавното сообраќајно претпријатие ги остави скопјани на цедило, во неизвесност да чекаат автобуси по постојките.
Иако најавен, се уште не се знае кога вработеите од Улици и Патишта ќе стапат во штрајк. Според информации на Сител, тоа најверојатно ќе биде понеделник, бидејќи вработените сакаат да дадат рок од три дена за да ја добијат заработената плата. Ги обвинуваат градоначалничката Данела Арсовска и секретарот Зоран Глигоров, за кои тврдат дека преку разрешениот директор Ванчо Умленски претпријатието го довеле во сериозни проблеми.
Според нивните тврдења, Улици и патишта е презадолжено кон добавувачи и должи 240 милиони денари. Селективно се исплаќале само фирми, за кои тие велат дека биле блиски до секретарот и до градоначалничката.
-Сметката е блокирана во износ од 10 милиони денари и извршни решенија во износ од 40 милиони денари кои ќе стапат на сила наредниов период. Во претпријатието нема основни средства за работа како нафта, ризли, тампон, рабници. Градежните машини и возила се со дефекти и не се сервисираат со месеци, велат вработените.
Според најавите, целата механизација на претпријатието ќе заврши пред бараките на Град Скопје. Дополнително, Улици и Патишта е оставено без директор. Претходникот беше разрешен минатата недела. Во петокот бил назначен нов, но според кажувањата на вработени, откако видел во каква состојба е фирмата, си отишол уште следниот ден.
Советниците во Градот, и од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ велат дека ги поддржуваат вработените во Јавното претпријатие. За СДСМ единствена опција сега се субвенции.
-Во оваа ситуација, најалармантно и најбрзо што може да им се помогне е долгот којшто им е достасан, а за кој тие имаат пуштено известување до Град Скопје, да им бидат парични средства за да можат барем колку толку да си ги отплатат долговите. Веќе и до извршни решенија се мислам стигнати, вели Љубица Јанева од СДСМ.
Но од ВМРО-ДПМНЕ велат дека веќе пуштиле субвенции.
-Ние на седницата во септември месец издвоивме дополнителни 20 милиони евра субвенции за плати на вработените во Улици и Патишта. Што значи, ние како Совет сме ги одобриле тие средства пред само месец – месец и пол. Јас на прашање до секретарот на градот Скопје во однос на тоа за што се наменети тие пари – ми рекоа за плати. Врз основа на тоа, го изгласавме за да нема застој во платите, вели Стојановски.
Ваква е сликата во автобусите на ЈСП. Поради нередовноста на автобусите, речиси сите се преполни со патници, па турканиците на постојките се редовна појава.
Викендов половина од автобусите останаа без нафта. Со оглед на тоа што ЈСП е недостапно за медиумите, одговор пристигна од секретарот Глигоров кој тврди дека Бирото за јавни набавки го поништило тендерот за набавка на нафта.
-Во моментов активно работиме на разрешување на проблемот кој настана откако БЈН ја поништи редовната Јавна набавка за гориво на ЈСП, првпат од постоењето на претпријатието. Не сакаме да веруваме дека станува збор за смислено сценарио на актуелната политичка гарнитура, вели Глигоров за Сител.
Дека Бирото ја поништила набавката е точно. Во образложенито се вели „По инструкции од Бирото да се поништи постапката во управен надзор“.Во меѓувреме, ЈСП уште истиот ден откако Бирото ја поништила набавката, распишал нов тендер за набавка на 16 милиони литри нафта за две години. Постапката се уште е во тек.
Од Бирото за јавни набавки појаснуваат дека при управната контрола затекнала состојба во која ЈСП избрал неприфатлива понуда за најповолна, која била и единствена.
- Управната контрола, имајќи го тоа предвид, дала јасни инструкции што треба да преземе ЈСП во записникот од спроведена управна контрола. Имено, со оглед на тоа што ЈСП направил избор на неприфатлива понуда, а други понуди немало во постапката, дала инструкции комисијата за јавна набавка да ја стави вон сила донесената одлука за избор и да донесе одлука за поништување на постапката. Таквите инструкции се согласно член 177 став 3 од законот. Напоменуваме дека ЈСП не ја искористил ниту можноста да ги оспори инструкциите на Бирото преку механизмите што му стојат на располагање во законот, од едноставна причина што станува збор за правилно утврдена фактичка состојба од страна на Бирото и исход на постапката кој не може да биде поинаков, а да биде согласно со законот.
Но каде и да е проблемот, граѓаните се тие што трпат. За 27-ми месецов закажана е седница на Советот на Град Скопје. Но советниците велат дека се уште не го знаат ниту дневниот ред, ниту за што точно ќе расправаат.
Сител неколку пати денеска се обиде да дојде до градоначалничката за став, но таа не одговори на нашите повици. Во меѓувреме, Град Скопје испрати соопштение во кое како виновник за сите проблеми на Град Скопје и претпријатието под негова контрола го гледа премиерот Мицкоски.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар