Свет
17. January 2020 - 8:40

Гватемала ги прекинува дипломатските односи со Венецуела

Новиот претседател на Гватемала, Алехандро Џаматеи синоќа изјави дека ги прекинува дипломатските односи со владата на Венецуела, предводена од Николас Мадуро и оти ќе ја затвори Амбасадата во Каракас.

– Го известивме министерот за надворешни работи дека дефинитивно ги прекинуваме односите со Владата на Венецуела и оти единственото лице во Амбасадата во Каракас треба да се врати во земјата, посочи Џаматеи.

Тој ја презеде функцијата претседател на Гватемала во вторникот и најави прекин на односите со Венецуела.

По таквата одлука шефот на венецуелската дипломатија Хорхе Ареца изјави дека Гватемала „и се потчинува“ на американскиот претседател Доналд Трамп.

– Неговата Влада сигурно ќе биде уште една невкусна шега, што ќе биде заборавена, напиша Ареца на Твитер.

Гватемала е активна членка на Лима групата, во која членуваат десетина држави од Јужна Америка и Канада, а формирана е во 2017 година за изнаоѓање на решение за кризата во Венецуела. Лима групата за легитимен претставник на Венецуела го признава Хуан Гуаидо.