Македонија
24. October 2016 - 16:46

Груевски: Подготвени сме за победа на изборите

Подготвени сме за силна и голема победа која што ќе обезбеди стабилност на Република Македонија, економски просперитет на граѓаните независно од нивната етничка или верска провениенција и победа која што ќе обезбеди државата да излезе од оваа криза во која што ја донесе опозицијата.

Тоа го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по денешната средба со лидерите на политичките партии од коалицијата „За подобра Македонија“.

Средба на Груевски со коалицијата “За подобра Македонија“

На средбата, како што истакна, се разменети информации и гледишта околу партиската подготовка за претстојните парламентарни избори закажани за 11 декември годинава.

Партијата и коалицијата, посочи Груевски, се подготвени за победа која што ќе овозможи државата да застане цврсто и стабилно и да продолжи по патот на економскиот просперитет, зачленувањето во НАТО и ЕУ и по сите други стратешки приоритети кои ги имаат зацртано.

- Како партија и како коалиција сме подготвени во секој поглед. Програмата веќе ја затвораме, последните работи се прават, деновиве и таа ќе се затвори. На терен сме максимално присутни во комуникација со граѓаните и сите оние други работи коишто се потребни за една изборна кампања ги подготвуваме и се во динамика што ги исполнува сите рокови, изјави Груевски.

На претстојните избори, потенцираше Груевски, граѓаните дефинитивно ќе имаат можност да изберат помеѓу нас коишто работиме, испорачуваме резултати и ветување, градиме, создаваме дела, правиме реформи и го подобруваме животот во секој поглед, и оние коишто знаат и се најдобри, како што рече, „во сплеткарошење, манипулации, правење разни интриги и чија што главна платформа е деструкцијата“.

-Народот ќе има добар избор, па нека избере, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.