Гробница првпат отворена по 2500 години, презентирани вредните наоди откриени во охридско-струшкиот регион
Осумдесеттина епохални наоди, исклучително вредни археолошки предмети се пронајдени при истражувањата на Архајска некропола од шестиот век пред нашата ера на локалитетот Расница во атарот на струшкото село Корошишта.
Брознен шлем со позлата, бронзен штит, килибарни и стаклени перли, сребрени игли, котел со постамент, златни прстени и фолии со различна форма и декорација е само дел од предметите пронајдени во ископувањата, што денеска беа презентирани пред јавноста.
На прес-конференција свикана по повод откритието беше истакнато дека се работи за две гробници од кои едната со димензии седум на четири метри, на пет метри длабочина, што според артефактите и додатоците пронајдени укажува дека припаѓала на член на елитно семејство што владеело со регионот во тоа време.
Она што е мошне важно, како што посочи археологот Перо Арџанлиев, е што една од двете гробници е откриена во нечепната форма односно првпат отворена после период од над 2500 години. Дополнително е важно што истражувањата на локалитетот се спроведени од стручни лица, на најдобар можен начин согласно сите научни процедури.
-Вакви наоди се откриваат еднаш во векот и ние ги нарекуваме епохални. Открието е монументално, и по самата гробница што во многу нешта ја надмина и познатата Требенишка некропола, но и по карактерот на наодите...Гробната архитектура според димензиите е импозантна и ги надминува според големината досега сите откриени Архајски гробници на Балканот, рече меѓу другото Арџанлиев, археолог-кустос во Археолошкиот музеј во Скопје.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, изрази задоволство што сите сме сведоци на голем научно-истражувачки успех, кој не само што фрла нови светла на археолошката историја на Македонија туку претставува значаен придонес кон европското и светското археолошко наследство.
-Вредните наоди откриени во охридско-струшкиот регион го осветлуваат животот на цивилизациите што оставиле траги од минатото, но чија култура и влијание се и натаму значајни за нашето разбирање на историскиот контекст, рече тој изразувајќи благодарност на Шефит Шемшедини, сопственикот на парцелата каде се наоѓа локалитетот.
Љутков истакна дека зачувувањето на културното наследство е обврска и одговорност кон идните генерации.
-Со овие откритија не само што го прошируваме нашиот историски контекст, туку ја зацврстуваме нашата позиција како важен чинител на регионалната, балканскта и европската археолошка сцена, рече тој.
Локалитетот е откриен случајно во 2020 година, кога при земјоделски работи бил пронајден шлемот, што укажало на постоење на археолшки локалитет. Семејството Шемшедини минатата година дало согласност за вршење археолошки истражувања на нивниот имот.
Откриената гробница, заедно со останатите веќе утврдени локалитети од Архајскиот период меѓу кои Требенишката, Архонтико, Синдос, Горна Порта во Охрид, кај Делогожда и Радолишта укажуваат на активен живот на високо организирана социјална елита на Охридско-струшкиот регион во тоа време.
Сите откриени наоди на локалитетот после нивната конзервација и испитување ќе бидат изложени во Археолошкиот музеј во Скопје.
Ново на Сител
-
Кумановец чувал елени во штала без одобрение и дозвола - Следува кривична пријава
-
Захарова: НАТО се обидува да ја претвори Молдавија во центар за снабдување на Украина со оружје
-
Сопственикот и архитектот на хотелот во Турција кој се урна во земјотресот осудени на 18 години затвор
-
Во несреќата на азербејџанскиот авион во Казахстан загинаа 38 лица
-
Не застанал на полициско предупредување па удрил во полицаец - Уапсен 48 годишен скопјанец
-
Екипите на ДПИ на терен, се вршат контроли на цените на производите
-
Укината забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патот Кичево - Гостивар, преку Стража
-
Спасовски: Обраќањето на Сиљановска Давкова не понуди визија за иднината на државата