Македонија
28. July 2024 - 16:31

Граѓанска иницијатива за обнова на Цареви Кули над Струмица

Обнова и реконструкција на вториот бедем на тврдината Цареви Кули над Струмица и целосно завршување на истражувањта на локалитетот бараат од здружението за заштита на културно историските споменици Свети 15 Тивериополски маченици.

Целта на иницијативата била да се поттикнат надлежените институции да се спаси од распаѓање  еден од најзначајните белези на градот и регионот кој има големо важност за историјата не само на Струмица туку и државата. Според претставниците на здружението, целосното истражување на Цареви Кули ќе даде и многу одговори за голем број историски прашања важни за државата.

Освен што ќе се зачува овој културно историски споменик, заокружување на целиот процес околу тврдината ќе значи и збогатување на туристичката понуда на регионот.

Ваквата иницијатива здружението Свети 15 ќе ја достави и до струмичкиот завод и музеј и министерството за култура  со цел да ги поттикнат за започнат со реализација на проекти поврзани со овој локалитет. Од завод и музеј ја поздравија иницијативата и велат дека ќе го прифатат секој добар предлог кој значи зачувување, афирмација и промоција на културно историското минато.

Археологот Зоран Рујак кој повеќе од две децении ги раководи истражувањата на Цареви Кули вели дека најголемата пречка за реализација на поголеми зафати се финансиите. Во изминатите 20 години откриени слоеви од праисторија до доцен среден век, а целосно биле истражени платото, средновековната тврдина, некрополата и реставриран и конзервиран еден од бедемите..

За пообемни истражувања и зафати неопходно било овој локалитет повторно да влезе во капиталните инвестиции како што беше случајот од 2008 до 2014 година кога имаше и најинтензивни активности на терен.