Македонија
2. January 2023 - 13:47

Градоначалникот Пецаков го посети првото бебе родено во Новата година во Охрид

Градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков и директорот на Општа болница Охрид Асен Шајн денеска го посетија првото бебе родено во Новата година на охридската Гинекологија.

Првото новороденче во Охрид, здраво машко бебе, на 18-годишната Мајката Љатифа Алиоска од Кичево се роди синоќа во 20 часот и 55 минути со спонтано породување. Тешко е 3.450 грама и долго 53 сантиметри.

Традиционално во име на Општината, градоначалникот Пецаков му подари плишано мече и ваучер од 10.000 денари.

– Им посакувам многу здравје, среќа и успех на мајката и бебето. На мајката и посакавме уште многу дечиња, истакна Пецаков по посетата.

Честитки до семејството на новороденчето испрати и директорот на Охридската болница Шајн.

– Честитки за фамилијата. Се роди здраво машко бебе тешко 3.450 грама и долго 53 центриметри. На семејството му посакуваме пред се здравје, благосостојба, бериќет и среќа да ги прати во Новата година. Да доаѓаат за уште многу дечиња и да споделуваме убави моменти како овие, рече Шајн.

Началничката на Гинеколошкото одделение Мимоза Влаши изрази задоволство од успехот изминатата 2022 година, кога по подолго време на одделението се родиле повеќе од 500 бебиња.

– Изминатата година поминавме 500 раѓања, бројка која од одамна не сме ја имале. Последните четири години бележиме раст на бројот на породувања во нашето одделение од 25 до 30 отсто, нагласи Влаши.

Во однос на кадарот, таа посочи дека се целосно екипирани со шест лекари специјалисти и со останат медицински персонал, а чекаат уште тројца доктори од специјализација.

Гинеколошкото одделение во Охридската болница покрај пациенти од Охрид опслужува од целиот регион, односно од Кичево, Дебар, Ресен и дел од Струга, а доаѓаат и од соседна Албанија.