Свет
30. October 2024 - 9:05

Големо невреме предизвика поплави во делови од Шпанија, има загинати и исчезнати

Неколку тела се пронајдени откако поројните дождови предизвикаа поплави во југоисточна Шпанија, изјави шефот на регионот Валенсија, Карлос Масон.

- „Најдени се мртви тела, но од почит кон семејствата, нема да откриваме други детали“, кажа Масон.

Шпанија ја погоди силно невреме, што доведе до поплави во неколку региони. Шестмина луѓе се водат како исчезнати во гратчето Летур во источната провинција Албасете.

Властите не ја кажаа точната бројка починати, додека продолжуваат спасувачките напори. Снимки објавени на социјалните мрежи покажаа како напливот на вода уништува мостови и влече автомобили по улици, додека луѓе се држат за дрвја за да не бидат однесени. Итните служби примиле стотици повици за помош од заглавени луѓе во поплавените области.

„Се користат и дронови во потрагата по исчезнатите во тешко погодената општина Летур. Приоритет е да се најдат тие луѓе“, кажаа локалните власти.

Шпанската метеоролошка служба прогласи црвена тревога за Валенсија и второто највисоко ниво на тревога за делови од Андалузија.