Македонија
3. April 2024 - 16:32

Големата кашлица се шири низ градовите во внатрешноста - Утре ќе заседава Комисијата за заразни болести

По Скопје и Куманово, епидемија на голема кашлица се заканува и во Тетово. Во градот под Шара има 13 регистрирани случаи на пертусис, а заразени се пријавени во уште десетина општини. Дали состојбата е алармантна и ќе има ли нови мерки и препораки, ќе одлучи Комисијата за заразни болести, која според информации на Сител утре ќе има состанок.

Здравствени власти велат дека будно ја следат состојбата а тоа ни го кажаа и од тетовскиот Центар за јавно здравје.

-Сега се врши интензивно и активно пребарување на невакцинирани и некомплетно вакцинирани и истите се вакцинираат. Очекуваме како ќе се одвива ситуацијата, доколку бројките продолжат да растат, Центарот за јавно здравје во тетово ќе прогласи епидемија. Кај нас во Центарот има поголем број доенчиња ко исе некомплетно вакцинирани поради причина болест, вели д-р Сузана Субашиќ, специјалист епидемиолог во Центар за јавно здравје Тетово.

Кумановскиот Центар за јавно здравје прогласи епидемија вчера со 23 регистрирани случаи кои се на возраст од 4 месеци до 60 години.

Во Скопје, пак, бројот на заразени стигна до 315 и последните денови најголем број од пријавените се бебиња.

Епидемијата во главниот град трае веќе 2 месеци и овој период илјадници деца кои ја пропуштиле или одложиле имунизацијата беа вакцинирани со ДиТеПер.

Освен за голема кашлица, епидемиолозите стравуваат и од појава на морбили кои ги има во соседството а во земјата е голем бројот на невакцинирани со МРП.