Македонија
19. August 2015 - 18:10

Гевгеличани се жалат на загрозување на безбедноста од присуството на мигрантите

Поголем број гевгеличани кои живеат во непосредна близина на железничката станица во Гевгелија, каде што присуството на бегалци е најголемо, денеска на средба со гевгелискиот градоначалник Иван Франгов изразиле загриженост поради загрозената безбедност од се поголемото присуство на бегалци.

Граѓаните укажале на зачестените меѓусебни тепачки, насилно однесување од поединци кон полицијата, како и целосно нарушување на комуналната хигиена. Како што соопштија од општина Гевгелија, тие побарале дислоцирање на пунктот за  пријавување на бегалците во полициската станица на железничката станица во Гевгелија и поголемо и поефикасно присуство на полицијата.

Градоначалникот на општина Гевгелија изразил целосно разбирање за проблемите на граѓаните нагласувајќи дека бегалската криза и зголеменото присуство на бегалците предизвикува безбедносни и комунални проблеми во градот.

- Особено, откако бројот на бегалците кои секојдневно пристигаат од грчка страна од неколку стотини се искачи на неколку илјади на ден. Затоа, уште пред еден месец по расправите на Општинскиот совет за локална превенција и Советот на општина Гевгелија до надлежните државни органи испративме неколку заклучоци и барања за поефикасно пропатување на бегалците, но и намалување на проблемите со кои се соочуваат граѓаните на Гевгелија, рекол Франгов.

Додал дека дел од овие заклучоци, како и негови барања за надминување на одделни проблеми со кои се соочуваат гевгеличани веќе се реализираат.

- Во железничката станица во Гевгелија зголемен е бројот на возовите од два на пет за превоз на бегалците, иако, и тоа е недоволно. Воведени се и седум нови автобуски линии, а во тек е инсталирањето на електронскиот систем за издавање на потврди за привремен престој на бегалците со што значително ќе се забрза постапката за регистрација на бегалците. Останува нашето основно и главно барање за дислокација на пунктот за пријавување на бегалците од железничката станица на локација во непосредна близина на македонско-грчката граница. Веќе одредивме и понудивме локација кај поранешните објекти на ЗИК „Винојуг“, која зафаќа 1 хектар, располага со вода и струја, се наоѓа крај железничката пруга и е во непосредна близина на границата. Очекуваме по издаденото одобрение денес од страна на надлежните државни органи УНЦХР да започен со уредувањето на локацијата. Станува збор за транзитен центар каде што на бегалците ќе им бидат издавани потврди, ќе можат  да се освежат и од каде што со специјални возови ќе можат да го продолжат патувањето, посочил гевгелискиот градоначалник.

Сето ова, потенцирал тој, ќе се реализира во најскоро време со што ќе се овозможи граѓаните на Гевгелија повторно да можат да ги користат услугите на железничката и автобуската станица и непречено да влегуваат во своите домови.