Македонија
31. October 2016 - 13:45

Формирана Асоцијација на автомобилската индустрија

Дваесет компании од автомобилската индустрија, странски инвеститори во Македонија и нивни постојни и потенцијални домашни добавувачи, од денеска  заеднички ќе ги  промовираат интересите  преку Асоцијација во рамки на Советот на странски инвеститори во државава.

Асоцијацијата, меѓу другото, ќе поттикнува соработка помеѓу странските инвеститори и домашните компании кои сакаат да се вклучат во синџирот на добавувачи, ќе обезбедува обуки и едукативни настани за технички, организациски и менаџерски вештини за модернизација на локалните добавувачи, како и поддршка за зајакнување на конкурентноста на членките на локално, регионално и на глобално ниво.

- Во автомобилскиот сектор во Македонија веќе имаат инвестирано 20 компании, што е повисока стапка во однос на соседните држави. Осумдесет проценти од  компаниите во слободните економски зони работат во автомобилската индустрија и вработуваат над 13.000 лица во државава и во овој сектор допрва треба да дојдат новите работи, рече денеска на промоцијата на Асоцијацијата, Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори.

Политичката криза во државата, според Петер, не влијае врз автомобилскиот сектор, на што укажувал и зголемниот промет во изминатите години. Показатале за тоа, како што  рече, е и извозот, кој во 2015 година изнесуваше над 380 милиони евра, што е 20 проценти повеќе во споредба со претходната година.

Со странските инвеститори од автомобилската индустрија присутни во зоните и надвор од нив веќе соработуваат над 500 домашни фирми, како добавувачи на услуги, домашни материјали, репроматеријали.

- Целта на асоцијацијата е како домашните компании да го зголемат процентот во репроматеријали, а со тоа да се зголеми и учеството во извозот, затоа што ако овие компании се 100 проценти  извозно ориентирани, содржината во тој извоз сакаме  да направиме да биде што повеќе македонска, рече Аврам Стојчевски, претседавач на Асоцијацијата.

Според него, компаниите од автомобилската индустрија веќе имаат проблем со наоѓање квалификувана работна сила, поради што во иднина ќе соработуваат со образовните институции на сите нивоа.

- Целта е во иднина и странските и домашните компании да не губат и време и пари за да ги донесат квалификациите на вработените на нивото кое им е потребно на овие модерни компании, посочи Стојчевски.

Мисијата на асоцијацијата, како што појасни, меѓу другото е да креира солидна платформа за развој на  автомобилската индуструја, која би понудила значаен концепт за развој на човечките ресурси и менаџмент, трансфер  на современи технологии и иновации.