Македонија
14. јуни 2024 - 16:43

Факултетот на Мерко се уште нема акредитација, а веќе се објавени условите за упис

Приватниот Факултет за здравствени науки при МУС Струга се уште нема акредитација, а на веб страницата веќе се поставени условите за упис. Студиските програми не се одобрени, потврди за Сител и министерот за образование Шаќири.

Овој факултет аплицирал со само една наставна програма за медицински сестри и техничари, три годишни студиии и 180 кредити. Според Шаќири не е спорно што факултетот аплицирал за акредитација за усовршување на медицински сестри. Не гледа ниту судир на интереси што токму факултетот каде што тој предавал сега треба да добие одобрение од МОН за здравствени студии. 

Сопственик на приватниот факултет е синот на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. Но тоа не е спорно за министерот кој вели, важно е дали ќе добие акредитација и каков кадар ќе има, а не кој е сопственик. До сега единствено ставил потпис на решението дека се исполнети условите факултетот да почне да работи како високо образовна установа. Од Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ најавија детална ревизија. 

Процесот на основање на Факултетот во состав на веќе постоечкиот универзитет, почна со владина одлука што во Службен весник беше објавена на 15 април, за време на предизборна кампања со потпис од техничкиот премиер Талат Џафери. Во оваа одлука е наведено дека на факултетот се предвидени две студиски програми за општа медицинска сестра и студии од здравствена нега од прв циклус. 

Покрај овој факултет за здравствени науки има студии за политички, економски, правни науки и информатички технологии.